October 3, 2025

Во Скопје се одржува Дигитален самит на Западен Балкан (WBDS) 2025

Во Музејот на современа уметност во Скопје денес се одржува Дигитален самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, на кој присуствуваат повеќе од 800 учесници, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, кој имаше обраќање.

Покрај премиерот, говори одржаа и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, како и генералниот секретар на Советот за регионална соработка (RCC), Амер Капетановиќ.

Фокусот на самитот е ставен на три клучни теми за дигиталната иднина на регионот – дигитален паричник, интероперабилност и кибербезбедност.

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во своето обраќање истакна дека дигитализацијата е клучна за економскиот развој и конкурентноста на земјата.

„Нашата цел е јасна – да станеме центар на дигитални иновации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе ги задржува талентите“, истакна тој.

Тој додаде дека Владата ќе работи на целосна дигитализација на институциите и пристапни услуги за сите граѓани.

„Наша визија е држава што ќе биде целосно дигитална, транспарентна и ефикасна. До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн, секој граѓанин ќе има свој дигитален идентитет и пристап до институциите преку мобилен телефон. Ќе изградиме систем на кибербезбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество“, изјави премиерот.

Обраќање на самитот имаше и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој од своја страна истакна дека самитот е можност за унапредување на регионалната соработка во насока на подобри дигитални услуги за граѓаните.

„Се надевам дека овој настан ќе биде платформа за поврзување на сите држави. Во таа насока поттикнати од RCC, ние работевме на заедничка декларација која ќе повика кон ЕУ и кон сите наши соседи, да ја овозможиме иницијативата ‘роаминг како дома’ со Европската Унија, да ги намалиме трошоците за податоци и телефонски разговори и смс-пораки на граѓаните од Западен Балкан низ цела Европа“, рече Андоновски.

Генералниот секретар на RCC, Амер Капетановиќ, нагласи дека постигнатите резултати досега се само почеток на една поголема интеграција.

„Воспоставивме зона на слободен роаминг на Западен Балкан и на тој начин создадовме бенефити за нашите граѓани, ги намаливме цените на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан“, изјави Капетановиќ, додавајќи дека следна цел е воспоставување нулта тарифа и заедничко поврзување преку дигитален паричник во рамките на Европската Унија.

Дигиталниот самит е регионален настан што ги обединува носителите на дигиталната трансформација од Западен Балкан, Европската Унија и пошироко.

Самитот се организира од Министерството за дигитална трансформација и Советот за регионална соработка (RCC).

На настанот присуствуваат над 800 учесници, меѓу кои високи владини претставници, експерти, компании, академски институции и меѓународни партнери. WBDS 2025 ќе биде платформа за нови иницијативи, вклучително и дискусии за намалување на роаминг трошоците со ЕУ, во насока на воспоставување модел „роаминг како дома“ помеѓу регионот и Унијата.

Read Previous

Уште нема казни – МВР издаде 71 опомена за пешаците кои се движеа со телефон или слушалки

Read Next

Набавени 80.000 вакцини против сезонски грип – имунизацијата ќе почне во втората половина на месецот